Светот стравува од светска војна, американските разорувачи вооружени до заби

Денот по најавата на Русија дека ќе го собори секој американски проектил што ќе се упати кон Сирија и објавата на претседателот Доналд Трамп дека „Русите треба да се подготват за удар од американски ракети“, американските медиуми наведуваат дека два американски разорувачи вооружени со крстосувачки ракети „томахавк“ се подготвени за напад.

  • Трамп изјавил дека САД ќе ја гранатираат Сирија
  • Русија се закани дека ќе ги собори сите ракети кои ќе летаат кон Сирија
  • Путин повика на воздржаност
  • Сирискиот режим е обвинет дека убил најмалку 40 цивили во Дума
  • Русија тврди дека хемиски напад не постоел или дека ако постои, зад него стојат бунтовниците кои ги поддржува Западот

9.23 – Судејќи според сателитските снимки што ги објавила компанијата ISI, бродовите на руската флота излегле од сириската база „Тартус“.

Компанијата објавила и фотографии на кои на еден од доковите се наоѓаат бродови. На другата снимка бродови нема. Наведено е дека руските сили испловиле поради заканата од можни удари.

На една од снимките се гледаат седум бродови кои стојат во место, два брода „грачонок“ ѝ две дизел подморници. На другата фотографија, направена на 11 април, повеќето бродови веќе не се на старото место, а на пристаништето останала само една подморница.

Министерството за одбрана на Русија засега нема коментар за овие информации.

 09.05 – Ако Трамп нареди напад врз Сирија, тој веројатно ќе биде силен и сеопфатен.

Како што пишува британски „Гардијан“, Трамп сака да се наметне како силен лидер. Исто така на американската воена акција веројатно би ѝ се приклучила и Велика Британија. Целите би можеле да бидат сириските воздухопловни бази, а можеби и цели аеродроми.

08.45 – Британските авиони на Кипар се наоѓаат во целосна борбена готовност за изведување удар врз Сирија, пишува „Тајмс“ повикувајќи се на неименуван извор.

„Нашите авиони се наоѓаат на пистата во „Анкротири“ (британската воена база на Кипар), ги наведува весникот зборовите на еден неименуван извор во Владата.

„Ние сме подготвени“, додал тој.

08.33 – Два американски разорувачи вооружени со крстосувачки ракети „томахавк“, се наоѓаат во позиција и се подготвени за акција доколку претседателот на САД, Доналд Трамп, нареди воен удар врз Сирија, пишува Си-ен-ен. Со нив се наоѓаат и подморниците.

08.15 – Британската премиерка Тереза Меј наредила британските подморници да се распоредат така што Сирија да им биде во дострел на ракетите и да бидат подготвени за напад врз сириската војска.

07.52 – Како што наведува Би-би-си, Франција, Велика Британија и САД се согласни да работат заедно и се верува дека се подготвени за воен удар како одговор на наводниот хемиски напад за време на викендот.

07.30 – Поранешниот американски претседател Џими Картер (93) го предупреди актуелниот претседател Доналд Трамп дека би требало да избегнува воени акции во Сирија или на други светски жаришта, како и да избегнува нуклеарен напад по секоја цена.

„Се молам да ја зачува нашата држава во мир и да не претерува или да ги влошува провокациите што доаѓаат од Северна Кореја, Русија или Сирија. Се надевам дека тоа го сфаќа многу длабоко, како што тоа беше случај со мене и другите претседатели. Секоја нуклеарна размена може да значи катастрофа за сите човечки битија“, изјавил Картер.

07.15 – Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, изјави дека не е донесена конечна одлука за воени удар.

Но навела дека САД ги сметаат Русија и Сирија одговорни за тој инцидент.

Советот за национална безбедност на САД ќе се состане в четврток, додека премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, повикува на состанок на владата.

„Не одредивме какви конкретни акции ќе преземеме“, додала таа.

„Претседателот има на располагање повеќе опции и сите остануваат на маса“, изјавила Сандерс.

Сара Сандерс соопштила дека тимот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп се состанал за да разговара за одговорот на САД за очигледната употреба на хемиско оружје од страна на сириската влада против сопствениот народ.

Сандерс изјавила дека претседателот Мајк Пенс претседавал со тој состанок.

Таа истакнала дека уште не е донесена одлука за тоа дали американските сили ќе ја нападнат Сирија, иако претседателот утрово на „Твитер“ се закани со напад со „убави, нови ѝ паметни ракети“.

По најавата на Русија дека ќе го собори секој американски проектил што ќе се упати кон Сирија, претседателот на САД, Доналд Трамп, се огласи на „Твитер“ упатувајќи порака до Москва, во која нагласува дека тие проектили со сигурност ќе бидат лансирани.

Во меѓувреме портпаролот на Кремљ соопшти дека тврдењата за нападот со хемиско оружје се измислени.

 

 

Scroll to Top