Откриен цртеж стар 73 илјади години

Научниците тврдат дека го откриле најстариот познат цртеж, стар 73.000 години. Цртежот е направен на мал фрагмент од карпа во Јужноафриканската Република, во пештерата Бломбос, пренесува „Би-би-си“. На цртежот се гледаат вкрстени и попречни линии нацртани со помош на црвен пигмент. Овој древен цртеж многумина ги потсетува на популарниот знак за хаштаг (#).

„Цртежот е првокласен показател за модерното поимање на стварноста од страна на нашиот вид“, велат научниците во натпис објавен во престижниот магазин „Натура“.

Иако други научници имаат најдено и постари траги оставени во боја на други места во светот, истражувањата покажаа дека ова е првиот апстрактен цртеж.

„Оригиналниот цртеж е најверојатно покомплексен. Наглото прекинување на сите линии на работ од фрагментот укажува дека примерокот првично се протегал на поголема површина“, вели водечкиот истражувач, археологот Кристофер Хеншилвуд, за „Ројтерс“.

 

Scroll to Top