Русија даде зелено светло за почеток на изградбата на новиот автопат долг 8000 километри, кој преку Русија ќе ја поврзува Европа со Кина. Засега обезбедни се средства за само 2000 километри.
Автопатот „Меридијан“ ќе почнува од градот Шангај во Кина, ќе минува низ Казахстан и ќе претставува најкраток пат за превоз на стока меѓу Европа и Кина. Целата должина на патот ќе изнесува околу 8000 километри.
Рускиот премиер Дмитри Медведев ја одобри првата фаза од проектот, кој ќе го финансираат приватни инвеститори и држави.
Се проценува дека во изградбата на автопатот ќе бидат вложени 9, 4 милијарди долари. Руската агенција RIA пренесува дека досега се купени 80% од земјиштето на кое се планира да се гради автопатот. Овој проект е еден од многуте со кои се има цел да се подобрат инфраструктурата и поврзаноста во регионот.
Претседателот на Кина, Шји Џјингпинг, во 2013 година, ја покренал иницијативата „Појас и пат“, глобална инфраструктурна програма за изградба на пристаништа, патишта и железница, со цел да се создаде нов коридор за поврзување на Кина со Азија, Африка и Европа.