Викендов ќе се одржат три музички настани во организација на „Авалон продукција“. Утре ќе се одржи концерт на „Електрични оргазам“ на стадионот на АРМ. В сабота е планиран „Скопје колинг“ со домашни музичари, а в недела концерт ќе имаат „Бајага и инструктори“.
„’Скопје колинг’ првпат собира македонски артисти, најдоброто од македонските бендови. Се надеваме дека ќе биде во најдобар ред, дека ќе има многу публика, бидејќи интересот за овој фестивал е многу голем“, рече на прес-конференцијата Ивана Нолчева, пиар на „Авалон продукција“.
На пресот беа и претставници на „Фолтин“, „Ласт експедишн“, „Фанк шуи“, односно дел од групите кои ќе настапат на петтото јубилејно издание на фестивалот „Скопје колинг“
„Многу ми е мило што се собравме тука и се прават усилби да посвириме малку, да не се заборавиме. Тешка е ситуацијата. Се прави некој баланс меѓу економијата и здравството. И без едното не се живее и без другото. Но, не се живее и без култура..За некого е излишна и непотребна културата, а ние заедно со публиката треба да докажеме дека е многу важна“, рече Бранко Николов, пејачот на „Фолтин“.
Претставниците на „Ласт експедишн“ најавија дека по долга пауза се враќаат со нов материјал и дека дел од еден нивен спот е снимен за време на полициски час.
Лука Ѓоргиевски од „Фанк шуи“, пак, рече дека му е мило што сцената ќе ја дели со луѓе со кои почнал да свири во „мислите“, на чии песни ги доживеал првите љубови.