Викендов три музички настани во организација на „Авалон“

Викендов ќе се одржат три музички настани во организација на „Авалон продукција“. Утре ќе се одржи концерт на „Електрични оргазам“ на стадионот на АРМ. В сабота е планиран „Скопје колинг“ со домашни музичари, а в недела концерт ќе имаат „Бајага и инструктори“.

„’Скопје колинг’ првпат собира македонски артисти, најдоброто од македонските бендови. Се надеваме дека ќе биде во најдобар ред, дека ќе има многу публика, бидејќи интересот за овој фестивал е многу голем“, рече на прес-конференцијата Ивана Нолчева, пиар на „Авалон продукција“.

На пресот беа и претставници на „Фолтин“, „Ласт експедишн“, „Фанк шуи“, односно дел од групите кои ќе настапат на петтото јубилејно издание на фестивалот „Скопје колинг“

„Многу ми е мило што се собравме тука и се прават усилби да посвириме малку, да не се заборавиме. Тешка е ситуацијата. Се прави некој баланс меѓу економијата и здравството. И без едното не се живее и без другото. Но, не се живее и без култура..За некого е излишна и непотребна културата, а ние заедно со публиката треба да докажеме дека е многу важна“, рече Бранко Николов, пејачот на „Фолтин“.

Претставниците на „Ласт експедишн“ најавија дека по долга пауза се враќаат со нов материјал и дека дел од еден нивен спот е снимен за време на полициски час.

Лука Ѓоргиевски од „Фанк шуи“, пак, рече дека му е мило што сцената ќе ја дели со луѓе со кои почнал да свири во „мислите“, на чии песни ги доживеал првите љубови.

Scroll to Top