Откако на убиецот на Џон Ленон, Марк Дејвид Чепмен, повторно му го одбија барањето за условно ослободување, „Прес асосиејшн“ објави транскрипти од сослушувањето, во кое тој ѝ се извинува на Јоко Оно и признава дека го убил Ленон од себични причини.
Чепмен имал 25 години кога во декември во 1980 година го убил Ленон со четири куршуми.
„Само сакам да повторам дека ми е жал за злосторството што го направив. Немам оправдување. Тоа беше поради слава. Мислам дека најголемо злосторство е да се направи такво нешто на некој кој е невин. Беше неверојатно популарен. Не го убив поради карактерот или поради тоа каков човек беше. Беше семеен човек. Икона. Го убив бидејќи беше многу, многу, многу славен и тоа беше единствената причина. А јас бев многу, многу желен за слава и многу себичен“, рекол тој на сослушувањето.
Тој потоа ѝ се извинил на Јоко Оно.
„Жалам за болката што ѝ ја нанесов. Цело време размислувам за тоа“, додал Чепмен.
Транскриптот од сослушувањето открива дека неговото барање е одбиено бидејќи „тоа би било неспоиво со благосостојбата на општеството и дека Чепмен со својот себичен чин на милиони луѓе им ги ускратил инспиративните зборови на славниот музичар“.
Иако е 40 години во затвор, Чепмен е оженет, а неговата сопруга живее во близина на затворот во Њујорк каде што тој треба да отслужи уште осум години.