Принцот Вилијам ги осуди расистичките навреди против фудбалерите на Англија

По премиерот Борис Џонсон и принцот Вилијам ги осуди расистичките навреди на фановите кон фудалерите на Англија кои ги промашија пеналите против Италија. Саха, Рашфорд и Санчо, беа навредувани на расна основа, откако ги промашија пеналите во финалето.

„Ме болат навредите на расна основа кон фудбалерите. Неприфатливо играчите да го трпат ова гнасно однесување,“ напиша принцот, додавајќи дека таквото однесување мора да запре и сите инволвирани треба да одговараат.

И селекторот на Англија, Герет Саутгејт, исто така, ги осуди ваквите напади и рече дека тоа не е она за кое сите тие се залагаат

„Ние бевме светилник во обединување на луѓето, и на сите оние кои можат да се поврзат со националниот тим, а националниот тим е за сите и таквото заедништвото треба да продолжи. Ние ја покажавме моќта што ја има нашата земја кога ќе се обедини и заедно ја имаме таа енергија и позитивност. Секој мора да запомни кога го поддржува својот тим дека тие исто така ја претставуваат Англија и треба да го претставуваат она за што се залагаме“, рече Саутгејт.

Фудбалската асоцијација (ФА) претходно посочи дека луѓето кои оставаат расистички коментари не се добредојдени да го следат тимот. Портпаролот  рече дека остро ги осудуваат сите форми на дискриминација и е згрозена од расизмот насочен кон некои играчи на Англија на социјалните мрежи.

„Оние кои стојат зад ваквото одвратно однесување не се добредојдени да го следат тимот. Ќе сториме сè што можеме за да ги поддржиме навредените играчи, истовремено барајќи најстроги казни за секој одговорен. Ние ќе продолжиме да правиме сè што можеме за да ја отстраниме дискриминацијата од игра, но ја молиме владата да дејствува брзо и да донесе соодветно законодавство за ваквата злоупотреба да биде казнета“, соопштија од ФА.

 

Scroll to Top