Новиот сопственик на фудбалскиот клуб „Вардар“, „Блу скај инвестмент“, денеска беше претставен од страна на градоначалникот Петре Шилегов, со што Сергеј Самсоненко и официјално стана минато за клубот што беше вратен во рацете на Град Скопје.
На денешната прес-конференција, покрај градоначалникот Петре Шилегов, присуствуваше сопственикот на „Блу скај инвестмент“, Слободан Крстевски, како и поранешниот директор на Вардар, Самоил Симев.
„На мое огромно задоволство можам официјално да соопштам дека успешно заврши посредувањето на Град Скопје со стариот и новиот инвеститор и сопственик на ФК ‘Вардар’, со што успеваме да обезбедиме извесна иднина за ФК ‘Вардар’ како една од најголемите спортски институции во нашата земја. Станува збор за фирмата ‘Блу скај инвестмент’, која е согласна во целост да го преземе постојниот договор со сите услови што Град Скопје го има склучено со поранешниот сопственик“, изјави Шилегов.
Тој истакна дека сите долгови што се настанати во меѓувреме кон сите коминтенти и играчи во наредниот период ќе бидат во целост намирени од новиот инвеститор како дел од новиот договор.
„Во наредниот период со гордост ќе можам да побарам од Советот на Град Скопје на следната седница, која планираме да се одржи во втората половина на август, овој договор да биде одобрен како од надлежен орган, кој ја има донесено и претходната одлука за продажба на акциите на ФК ‘Вардар’“, додаде Шилегов.
Градоначалникот најави подобри денови за најтрофејниот фудбалски клуб во нашата земја, чија првична цел ќе биде враќањето во Првата македонска фудбалска лига, од која испадна поради огромните финансиски проблеми.
Клубот во претстојната сезона се натпреварува во Втора лига Запад.
фото: МИА