Во Холандија од 2001 година истополовите бракови се легални. Но, се веруваше дека тоа не се однесува и на кралското семејство затоа што на тој начин ќе нема наследник на тронот. Сега премиерот Марк Руте рече дека крал или кралица може да се венча со лице од ист пол.
Наследничката на холандскиот престол, принцезата Амалија, ќе наполни 18 години во декември.
„Тоа се теоретски ситуации, но идната кралица би можела да се венча со жена. Владата не смета дека наследник на тронот или кралот би требало да абдицира ако сака да се венча со својот партнер од ист пол“, рече премиерот Руте.
По објавувањето на книгата „Амалија, должноста повикува“, се отвори во јавноста и дебатата, па се постави и прашањето што ќе се случи ако таа одлучи да се венча со жена. Во книгата не се шпекулира ништо за приватниот живот на Амалија, која треба да тргне на универзитет в година.
Иако од владата рекоа дека истополов брак е можен, не се знае што ќе се случи со наследството ако во таков брак се добијат деца преку посвојување или донор на сперма.
„Тоа е застрашувачки комплицирано. Холандскиот устав јасно кажува дека тронот може да го наследи само законски потомок“, додаде Руте.