Еден од најбогатите луѓе на светот, Џеф Безос, преку неговата компанија „Блу орџин“, сака да изгради вселенска станица за туристи. Новата станица ќе се вика „Орбитален гребен“ и ќе се користи за одржување на научни експерименти, одмори, а може да послужи и за производство.
Станицата ќе може да прими до десетина луѓе, а внатрешноста ќе изгледа слично како на Меѓународната вселенска станица.
„Блу орџин“ ќе соработува со компаниите „Сиера Спејс“, која ќе ја гради станицата, а „Боинг“ ќе направи истражувачки модел на станицата. Ваквите проекти се претерано скапи и ризични и веројатно ќе чинат десетина милијарди долари пишува „Си-ен-ен“.
Засега раководните лица во компаниите одбиваат да одговорат колку ќе чини овој проект. Тие очекуваат да потпишат договор и со НАСА како галвен закупец, иако не е јасно како ќе изгледа ова партнерство.
Од „Блу Орџин“ се надеваат дека гребенот би можел да биде оперативен до крајот на 2030 година. Компанијата досега има направено неколку суборбитални летови со екипаж, а допрва треба да испрати вселенско летало во орбитата, а потоа и луѓе.
За потсетување, неодамна со едно од леталата на „Блу орџин“, леташе и глумецот Вилијам Штанер, кој стана најстариот човек кој патувал во вселената.