Маж од Кина, кој во локалните медиуми е претставен под презимето Џоу, две години успеал да крие од сопругата дека станал милионер на лото. Тој добил околу 10 милиони јуани или 1,36 милиони евра.
Откако сопругата дознала, побарала развод, а судот во Венџоу, во источната кинеска провинција Жеџијанг, пресудил дека Џоу мора да и плати отштета од повеќе милиони на својата сопруга, објави „Хангжу дејли“
За време на судењето откриле дека мажот ѝ префрлил два милиони јуани на својата постара сестра веднаш штом парите легнале на неговата сметка, а неколку дена подоцна подигнал 700 илјади јуани за да ѝ помогне на поранешната сопруга да купи стан. Судот се согласил со мислењето дека парите што Џоу ги префрлил на неговата сестра и поранешната сопруга се дел од заедничкиот имот, па неговата втора сопруга успеала да се избори за 60 отсто и од тој дел од добивката.
Ниту една од страните не поднела жалба, а медиумите не наведуваат зошто сопругот решил да крие од својата жена дека се збогатил.