Џаред Лето во новиот филм ќе го глуми модниот дизајнер Карл Лагерфелд

Оскаровецот Џаред Лето во новиот филм ќе го глуми германскиот дизајнер Карл Лагерфелд, пишува „Вумен веар дејли“. Лагерфелд почина во 2019 година од рак на панкреасот, на 85-годишна возраст.

„Чувствувам како со ова да се затвора еден круг и мислам дека Карл би се гордеел со тоа што ќе го направиме“, рече Лето кој долги години беше пријател на Лагерфелд.

Лето, освен што ја има главната улога, ќе биде и продуцент на филмот. Тој ќе добие голема поддршка и од модната куќа на починатиот моден креатор. Во изјавата за „Вумен веар дејли“, глумецот открил дека веќе одредил тројца блиски соработници на Лагерфелд да бидат извршни продуценти на филмот и тие да се погрижат приказната за славниот дизајнер да биде точна. Меѓу нив е потпретседателот на модната куќа за имиџ и комуникации Керолин Лебар, извршниот директор на компанијата Пјер Паоло Риџи и телохранителот и личен асистент на дизајнерот, Себастијан Жондау.

Лето вели дека сè уште немаат режисер, но дека филмот ќе ја раскаже приказната за клучните врски во животот на Лагерфелд, раскажани преку непредвидливи моменти, токму онака каков што бил и Карл во текот на неговиот живот.

„Моја работа ќе биде да го прикажам најискрено што можам“, рекол глумецот.

Scroll to Top