(Фото) Канје Вест се расплака на својот прв митинг од претседателската кампања

Светски познатиот музичар Канје Вест, кој се кандидира за претседател на Америка, се расплака на првиот митинг од претседателската кампања. Заштитен со панцир и силно обезбедување, тој на митингот говореше против абортусот и порнографијата, а потоа зборуваше и за политичките прашања.

Во текот на емотивниот говор Канје се расплака кога почна да зборува за тоа дека татко му сакал мајка му да го абортира.

„Тој сакал абортус бидејќи бил презафатен. Мајка ми ме спаси“, рече Вест на митингот во Чарлстон, Јужна Каролина.

Во говорот што траеше повеќе од еден час тој го осуди абортусот. Потоа коментира за нееднаквоста и ги повика некои од присутните да говорат.

Некои од неговите предлози и коментари предизвикаа конфузија кај присутните.

„Хериет Табмен, всушност, никогаш не ги ослободи робовите. Таа само направи робовите да работат за други бели луѓе“, рече тој коментирајќи ја економската нееднаквост.

Инаку, Канје е поранешен поддржувач на претседателот Доналд Трамп. Американците не му веруваат и се прашуваат дали неговата кампања е вистинска или само се обидува да добие публицитет што ќе му помогне во рекламирањето и продажбата на музичките албуми и брендовите облека со негово име.

Митингот на Вест (43) беше пренесуван во живо на „Јутјуб“ и на локалните телевизиски станици. Тој ја почна кампањата на 4 јули со твит, а потоа пропушти неколку рокови за неговото име да се појави на гласачките ливчиња во клучните држави.

Scroll to Top