(Фото) Кијану Ривс пишува стрип во кој тој е главниот јунак

Кијану Ривс го пишува стрипот БРЗРКР, кој ќе го објави издавачката куќа „БУМ! Студиос“. Главниот јунак Кијану го базира врз самиот себе. Покрај холивудскиот глумец, во проектот се вклучени и писателот Мет Кинт и славниот уметник Алесандро Вити, пишува „Стрип блог“.

Стрипот БРЗРКР ќе ја раскажува приказната за бесмртниот воин, кој бара одговори во врска со неговото постоење. Мини серијата ќе има 12 изданија и поради содржината на брутално насилство, ќе биде наменета исклучиво за постарата публика.

„Човекот познат како Берзеркер е получовек и полубог, проколнат и присилен на насилен живот, што му штети на неговиот разум. По скитањето низ светот со векови, Берзеркер ќе најде прибежиште работејќи за американската влада борејќи се во битки кои се толку насилни што се премногу опасни за некој друг. Тој се надева дека во замена за својата служба, ќе ја дознае вистината за своето бесконечно постоење потопено во крв и за начинот како да го запре тоа“, стои во соопштението на издавачите.

Првиот број на стрипот ќе излезе на почетокот на октомври. Насловната за првиот број ќе ја направи познатиот стрип-цртач Рафаел Грампа.

Scroll to Top