(Фото) Мел Гибсон тужи Чилеанка поради нејзиниот мед

Мел Гибсон ја тужи Чилеанката Јоана Агурто оти го искористила неговото име за да го рекламира својот мед. Нејзиниот производ го носи името Миел Гибсон („миел“ е шпански збор за мед), а на теглата е слика од Гибсон од филмот „Храбро срце“. Адвокатите на Гибсон побарале од Јоана да го повлече производот од пазарот поради неовластена употреба на името и ликот на актерот.

„Сè одеше според планот додека не пристигна заканата од адвокатите на Мел“, напишала таа на „Твитер“ и открила дека добила писмо во кое ѝ велат дека следниот чекор е да ја дадат на суд.

„Ми се заканија дека ако не го повлечам медот, ќе ме тужат. Медот почнав да го продавам откако ја загубив работата поради коронавирусот“, рекла таа.

„За да користите име и фотографија со ликот на Мел Гибсон од ‘Храбро срце’, мора да добиете дозвола за употреба. Фотографијата е во сопственост на студиото кое го објави филмот“, објаснил адвокатот Ли Брехеин и додал дека мора да има посебно одобрение за таков вид маркетинг.

„Во никој случај не сакаме да спречиме некој што се обидува да почне бизнис и да генерира приходи од него, но треба да се знае дека постојат пропишани начини за водење бизнис, контакти и одобренија што треба да ги исполните претходно“, објаснил адвокатот.

Но, Јоана не се откажува од идејата, па нејзината компанија преку „Твитер“ го повика Гибсон да ѝ дозволи да ја користи неговата фотографија со пораката: „Нашиот мед е само за храбри срца “.

Scroll to Top