Легендарниот холивудски глумец и режисер Клинт Иствуд ја промени страната и како заколнат повеќемесечен републиканец одлучи да го поддржи кандидатот на Демократската партија во наредните претседателски избори во САД, кои ќе се одржат на 3 ноември.
Иствуд во интервју за „Вол стрит џрнал“ го критикуваше актуелниот шеф на Белата куќа, Доналд Трамп, со кого вели дека често играл голф. Конзервативецот на претстојните избори одлучил да го поддржи милијардерот Мајкл Блумберг, поранешниот градоначалник на Њујорк, кој сè уште се бори за номинацијата во Демократската партија.
„Најдобрата работа која можеме да ја направиме е да го изгласаме Мајкл Блумберг за претседател“, изјавил Иствуд и порачал дека Трамп направил некои добри работи како претседател, но не сакал да наведе кои.
„Би сакал актуелниот претседател да биде покултурен, да не остава пораки на ‘Твитер’ и да ги нарекува луѓето со грди имиња. Сакам Трамп да не е толку Трамп“, изјавил Иствуд.
Глумецот се пожали дека домашната политика во САД станала тврдоглава. Пред четири години тој цврсто стоеше зад републиканецот Трамп, на кого не му давале големи шанси против Хилари Клинтон, кандидатката на Демократската партија.
„Тоа е тешко прашање, но ќе гласам за Трамп“, изјави тогаш Иствуд, на прашањето за кого ќе гласа за претседател.
Иствуд дури одржа говор и на националната конвенција на Републиканската партија во 2012 година. Ѕвездата на бројни вестер филмови и серии за валканиот инспектор Хари и самиот има влезено во политиката. Тој беше градоначалник на калифорнискиот град Кармел од 1986 година до 1988 година.
Клинт Иствуд одбил повторно да се кандидира за функцијата градоначалник, затоа што, како што вели, не е добро на функцијата постојано да бидат исти луѓе.