Само македонски претстави на Фестивалот на комедијата „Гола месечина“

Од 28 септември до 3 октомври ќе се одржи Фестивалот на комедијата „Гола месечина“, кој е во заедничка продукција на НУ „Театар комедија“ и Општина Аеродром.

„Фестивалот на комедијата годинава се одржува малку подоцна, на поинаква локација и со малку изменет концепт. Долго анализиравме дали воопшто да се одржи годинашното издание на фестивалот или да се одложи за следната година. Сепак, одлучивме да го одржиме, но да е од ревијален карактер, со тоа што годинава ќе изостанат претставите од соседството, а целосниот фокус ќе биде ставен врз македонската продукција на комедии. И локацијата на одржување на фестивалот е сменета, бидејќи така налагаат протоколите, па овој пат тој ќе се одржува на фудбалското игралиште покрај детската градинка ‘Сонце’ во реонски центар Аеродром.
Подготовките привршуваат, а програмата  ќе биде објавена кон крајот на оваа седмица. Целата организација и реализација се одвива во рамките на протоколите кои се одобрени од страна на Комисијата за заразни болести за организација на настани на отворено. Ќе бидат запазени сите мерки за безбедно следење на фестивалот, како и за безбедноста на сите учесници. Задолжително ќе биде носењето заштитни маски, столчињата на кои ќе седи публиката ќе бидат распоредени на соодветно растојание, а ќе бидат спроведени и сите други мерки кои се во согласност со протоколите за одржување настани на отворено“, велат од управата на „Театар комедија“.

Сите претстави ќе почнуваат во 20 часот, а вратите за влез на публика ќе бидат отворени од 19 часот.

Scroll to Top