„Архангел“ ќе настапи на 22. издание на „Таксират“. Оттаму велат дека првиот од низата концерти ќе се одржи на 11 октомври во СЦ „Борис Трајковски“.
„Архангел“ е дел од најзначајните македонски остварувања на сите времиња и претставува темелник на домашната урбана музика.
„Архангел“ е македонска рок-група, основана во февруари 1989 година. Основач на групата е Ристо Вртев, првиот вокалист на групата „Мизар“ и поранешен член на „Инола икс“.
Групата во својата кариера издава четири албуми: „Архангел 1 и 2“, Heart Core и „Небесна машина“, преку кои стекнува култен статус како една од најголемите и најквалитетни македонски рок-групи. Во текот на годините „Архангел“ добива многубројни награди, меѓу кои награда за најдобар албум, најдобар концерт, песна на годината, најдобар текстописец, најдобар спот, како и награда за трајни музички вредности.
Билетите се достапни во продажба онлајн и во продажната мрежа на „Мктикетс“. Капацитетот на просторот и билетите се ограничени, а сите билети за концертот се исклучиво за седење. Почетокот на концертот е во 20 часот, а вратите се отвораат во 19 часот. Концертот ќе се одржи по соодветен протокол, со цел запазување на мерките за заштита од коронавирусот. Носењето маска и одржувањето растојание се задолжителни во текот на целиот настан.