Африка се двои на два дела, се создава и нов океан

Новите мерења што ги направија сателитите над Африка покажуваат дека на едно од најжешките места на континентот доаѓа до одвојување на тектонските плочи и континентот се дели на два дела. Овие геолошки промени на Земјината површина се случуваат по должината на сушната област Афар во источна Африка.

Ова целосно пусто место се наоѓа над местото каде што се спојуваат три огромни тектонски плочи, кои многу полека се одделуваат едни од други. Тоа е сложен геолошки процес, но научниците велат дека целосно ќе ја распарчи Африка и дека за неколку милиони години тука ќе создаде нов океан. Најочигледен доказ за ова е новата пукнатина во етиописката пустина, која е долга 56 километри.

Научниците ги проучуваат тектонските промени на африканскиот континент со децении, а новите мерења на сателитите им помагаат подобро да ги следат и разберат промените.

„Ова е единственото место на Земјата каде што може да се проучи како континентот станува океан“, вели Кристофер Мур од Универзитетот во Лидс во Велика Британија.

Научниците проценуваат дека формирањето на новиот океан во Африка ќе трае од 5 до 10 милиони години. Земјината кора е составена од десетина големи тектонски карпести плочи кои постојано се судираат, се качуваат една врз друга, се подвлекуваат или се повлекуваат. Во последните 30 милиони години арапската плоча се оддалечуваше од Африка и ги создаде Црвеното Море и Аденскиот Залив.

„Во последните години сателитските ГПС-инструменти го трансформираа тоа истражување и им дозволија на научниците точно во милиметри да го мерат движењето на почвата“, вели геофизичарот Кен Мекдоналд, професор на Универзитетот во Калифорнија.

Најтоплиот и најнаселен град на површината на Земјата е во Афар, каде што температурата е често над 55 Целзиусови степени во текот на денот, а паѓа до 35 степени во текот на ноќта.

„Овој феномен се следи и со постојани теренски истражувања на местото каде што се појавува, во регионот Афар, кој е наречен и пеколот на Данте“, вели Синтија Ебингер, геофизичарка на Универзитетот во Њу Орлеанс, која веќе 15 години ја проучува оваа екстремна појава, а работи и на новата пукнатина.

Таа потврди дека со текот на времето се очекува единствениот африкански континент да се подели на два дела и да настане нов океан. Според најновите истражувања, трите плочи се одделуваат со различна брзина. Арапската плоча се оддалечува од Африка со брзина од речиси 2,5 сантиметра годишно, а двете африкански плочи се одвојуваат двојно побавно.

Scroll to Top