Афроамериканец, конечно, на слобода откога 43 години невин лежеше во затвор

Афроамериканецот Кевин Стрикленд (62), конечно, е пуштен на слобода откога помина 43 години во затворот во Мисури поради судска грешка. Тој беше ослободен од вина во вторникот со судска одлука, пренесуваат странските медиуми.

Тој во 1979 година беше осуден на доживотен затвор од страна на поротата составена само од белци за тројно убиство за кое тој тврдеше дека не го извршил.

„Ниту еден материјален доказ не го поврзуваше со делото и тој беше осуден исклучиво врз основа на исказот на ‘преживеан сведок, кој подоцна го повлече сведочењето’“, рече во одлуката судијата Џејмс Велш.

Покрај ова, тој посочи дека двајца од четворицата сторители на крвавиот напад потврдиле дека е невин.

„Довербата во судот во случајот со осудата на Стрикленд е целосно нарушена“, оцени судијата по што нареди итно ослободување на затвореникот.

Јавниот обвинител на округот Џексон, Жан Петер Бејкер, кој побара да се укине пресудата, ја поздрави одлуката.

„Овој човек, кој толку многу страдаше од несреќниот пропуст на правдата, конечно доби правен надомест“, изјави тој.

Scroll to Top