Англичаните со петиција бараат понеделник да биде неработен ден ако в недела победат во финалето на ЕП

Над 300.000 Англичани ја потпишаа петицијата со која бараат понеделник да биде неработен ден ако нивната репрезентација ја победи Италија в недела во финалето на Европското првенство.

„Англија игра во 20 часот (по британско време) и би било погодно понеделник да е слободен ден ако Англија победи и ја освои титулата. Овој термин е тежок за семејствата, особено ако се знае дека следниот ден треба да одат на работа. Пред нас е историски момент, па ако победи Англија, ќе има прослава и затоа слободниот ден е најдобро решение“, пишува во петицијата.

Оваа петиција ја поддржа и премиерот Борис Џонсон, кој рече дека не ја исклучува можноста таа да биде прифатена, само во случај ако Англија ја победи Италија.

„Ајде првин да видиме што ќе се случи“, рече Џонсон

Медиумите во Англија пишуваат дека јавноста ги притискаат властите да го прогласат денот недела за национален празник ако Англија успее да стане европски шампион.

„Не сакам да предвидувам за неделниот натпревар. Јасно е дека сакаме Англија да го добие финалето. Дури тогаш ќе можеме да ги анализираме нашите планови. Се надеваме дека Англија ќе победи“, изјавил портпаролот на Џонсон.

Тој ја отфрлил можноста за зголемување на бројот на навивачи на „Вембли“.

Даунинг стрит ги советува работодавците што се во можност да бидат флексибилни во врска со дозволувањето на персоналот да оди на работа подоцна в понеделник или да му даде слободен ден ако победи Англија.

Владата веќе го продолжи работното време на пабовите и кафулињата до 23.15 часот в недела, во случај да се играат продолженија или да има пенали.

Scroll to Top