Авионот на Тито DC-6B е изграден во 1958 година. Денес тој се наоѓа во Салзбург. Овој авион има неверојатна историја. Обновен е во 2004 година и за него експертите имале само пофални зборови. Како што велат, неговата големина и беспрекорен ретродизајн е круна на драгоцената збирка што се наоѓа во хангарот 7 на аеродромот во Салзбург.
Тој е добро познат меѓу љубителите на авиони и авиоекспертите. Авионот истата година кога излегол од хангарот каде што бил изграден бил продаден на тогашната државна авиокомпанија „Југословенски аеротранспорт“, или позната под скратеницата ЈАТ. Веднаш бил претворен во луксузен авион за Јосип Броз Тито и неговите угледни гости. Но, во 1975 година на Тито му здодеал стариот авион, и го продал на тогашниот претседател на Замбија. И тој го користел како ВИП-авион, а кога му се здодеало од него, овој авион едноставно бил ставен во хангарот на воздухопловната кула во главниот град на Замбија. Всушност претседателот на Замбија го купил авионот од Тито за да ги извади и замени деловите за неговиот DC-4 авион.
Авионот служел за туристички панорамски летови над Викторијаните Водопади, како и за промотивни летови за Мис универзум и слично. Но, по големите немири на границата со Ангола во 1999 година, претседателот на Замбија морал да го продаде.
Деталната реставрација на авионот почнала во 2001 година, во компанијата изградена делумно поради овој драгоцен примерок DC-6. Од компанијата излегол летото 2004 година, а три години подоцна, кога биле направени неколку десетина илјади часови лет, била откажана регистрацијата во Намибија и истата е пренесена во американскиот регистар под идентификацискиот број N996DM. Авионот добил сосема нов ентериер, но се внимавало да биде задржан историскиот концепт. Има четири нови мотори, а осовремена му била и електрониката.
Авионот го демонтирале до последното шрафче, а потоа повторно го составиле. Експертите сега велат дека авионот изгледа многу подобро од кога било претходно, и така е реновиран што може да се смета како целосно нов.
Во 2013 година DC-6B конечно добил австриско државјанство и сега лета под регистрацијата ОE-LDM, па станал првиот ваков модел на авион во историјата на австриската авијација. Кога и да се појави на некој аеродром, авионот на Тито е вистинска атракција.