Барбадос е првата држава што по 30 години ќе ја отфрли кралицата и ќе стане република

Британската колонија Барбадос следната недела ќе ја отфрли кралицата Елизабета Втора како шефица на државата и ќе ги раскине преостанатите империјални врски со Британија. Ова се случува речиси 400 години откако првите англиски бродови пристигнале на карипскиот остров. Барбадос е првата држава што ја отфрла власта на британската круна откако Маврициус го направи тоа пред триесет години, во 1992. Бакингемската палата соопшти дека тоа е внатрешна работа на народот на Барбадос.

„Ова е крај на приказната за експлоатацијата на умот и телото. Ова е историски момент за Барбадос, Карибите и за сите постколонијални општества. Луѓето од овој остров се бореле не само за слободата и правдата туку и да ја отстранат тиранијата на империјалната и колонијална власт“, вели сер Хилари Беклс, историчар од Барбадос.

Островот бил ненаселен кога Англичаните првпат дошле, но од 1627 до 1833 година таму биле донесени 600.000 африкански робови, кои работеле на плантажите донесувајќи им богатство на англиските сопственици. Ропството целосно било укинато во 1838 година, а Барбадос доби независност во 1966 година. Тој ќе биде република во рамките на Комонвелтот, кој обединува 54 држави.

Официјалното прогласување ќе се одржи на 29 ноември, а принцот Чарлс најави дека ќе присуствува. На чело на државата ќе биде претседателката Сандра Мејсон.

Покрај Барбадос, Елизабета Втора е кралица на уште 15 држави, вклучувајќи ги Австралија, Канада и Јамајка.

Scroll to Top