Букетот што го добиваат спортистите во Токио им оддава почит на жртвите од катастрофата во 2011 година

Сите освојувачи на медали на Олимпијадата во Токио добиваат и букет цвеќиња кој е со посебно значење и им оддава почит на жртвите од земјотресот и цунамито во Јапонија во 2011 година. Во оваа катастрофа починаа скоро 20,000 луѓе, открија организаторите на Игрите. Додаваат дека на Олимписки и Параолимписки игри ќе бидат доделени повеќе од 5.000 букети.

Цвеќињата од кои се направени букетите се одгледуваат во Ивате, Фукушима и Мијаги, трите окрузи во североисточна Јапонија, кои беа најтешко погодени од природната катастрофа во 2011 година.

Сончогледите, кои доминираат во букетите, доаѓаат од Мијаги, а ги засадиле родителите на децата кои загинаа во катастрофата.

Виолетовите и белите цвеќиња се одгледани во Фукушима. За нив е задолжена непрофитна иницијатива, чија цел беше да се обиде да ја обнови локалната економија по катастрофата која го уништи и земјоделското производство.

Малите светлосини цвеќиња, потекнуваат од Ивате, крајбрежна област која беше уништена од огромните бранови во 2011 година.

Букетот се комплетира со зеленото растение аспидистра, кое расте во Токио и е избрано да го претставува градот-домаќин.

Scroll to Top