Дејвид Бекам назначен за амбасадор на британската мода

Британскиот Совет за мода сакаше да ги искористи славата и влијанието на Дејвид Бекам, па го назначи поранешниот фудбалер за нов амбасадор на британската мода. Сега Бекам ќе го преземе британскиот трон на модата и официјално, иако години наназад тој и неговата жена Викторија се познати како „првата двојка на британската мода“.

Како новоназначен амбасадор, Дејвид Бекам денеска ќе посети неколку едукативни модни проекти и компании за производство на облека во Манчестер.

Британскиот Совет за мода се надева дека може да го искористи влијанието кое Бекам го има низ светот за да привлече нова генерација на домашни креативци и бизнис таленти во модната индустрија кои би сакале да направат кариера во модата. Од друга страна, глобалното влијание на Бекам може да привлече и интернационални инвеститори кои ќе бидат спремни да вложат пари во британската модна индустрија со цел таа да се прошири.

„Навистина сум возбуден што ќе можам да ги запознаам децата од оваа земја со модниот свет. Мислам дека ова треба да ја подигне свеста дека и момчињата треба да бидат вклучени во светот на модата и да им помогне да ги разберат креативните можности кои ги нуди оваа индустрија“, вели Бекам по повод назначувањето на амбасадорската функција.

Брендот на Дејвид Бекам, кој поранешниот фудбалер го изгради и го пренесуваше преку фудбалот, сега е познат насекаде низ светот. Тој е заштитно лице на многу големи компании и постојано добива нови спонзорски договори, иако има 43 години.

Модната индустрија отсекогаш била благонаклонета кон Дејвид Бекам, а фудбалерот сега сака да им врати на модните компании со тоа што и самиот ќе биде работник во оваа индустрија.

Scroll to Top