Десетина жени тврдат дека биле силувани во еден од најстарите британски универзитети

Универзитетот „Сент Ендруз“ во Шкотска, еден од најстарите универзитети во светот, го потресе скандал, откако десетина жени тврдат дека биле жртви на силување и други видови сексуални напади во неговиот кампус.

Неколку од нив за нападите ги обвиниле членовите на контроверзното братство. Универзитетот, каде што студирале и некои членови од британското кралско семејство, соопштил дека соработува со полицијата.

Во моментов се работи на истражување на обвинувањата, кои биле изнесени анонимно на инстаграм-страницата ST Andrews Survivors, пренесува Си-ен-ен.

Биле изнесени повеќе од 20 обвинувања кон студенти за силување и уште неколку обвинувања за друг вид сексуални, физички напади и присилувања.

Повеќето обвинувања биле насочени кон братството Алфа Епсилон Пи, кое не е официјално друштво на Универзитетот. Огранокот на ова братство во „Сент Ендруз“ суспендираше некои од своите членови, откако во јавноста беа изнесени вакви обвинувања.

На овој престижен универзитет учеле и принцот Вилијам и неговата сопруга, војвотката од Кембриџ Кејт Мидлтон.

Scroll to Top