Добил 65 години затвор за убиство што не го извршил

Тинејџер од Алабама е осуден на 65 години затвор поради низа злосторства вклучувајќи и убиство што не го сторил.

Лакит Смит од Монтгомери (18) е обвинет според Законот за одговорност на соучесник. Според тој закон, лицето може да биде обвинето за убиство ако сторило злосторство заедно со починат соучесник доколку смртта на тоа лице настапила по злосторството. Повеќето американски држави имаат вакви закони.

Што се однесува до Смит, тој во 2015 година се обидел насилно да влезе во една куќа заедно со Вашингтон (16), кога се појавил полицаец кој пукал и го убил Вашингтон. И Смит и Вашингтон биле дел од петчлена група која насилно влегла во две куќи во Милбурки, околу 16 километри северно од Монтгомери. На снимките од полициските камери се гледа како Вашингтон се обидува да го совлада полицаецот, кој го убил пукајќи во него.

Смит е осуден во четвртокот на вкупно 65 години затвор, од кои 30 за убиство, 15 за насилно влегување и две од по 10 години за кражба. Иако Смит бил малолетник кога се случил инцидентот, му се судело како на возрасен. Тој во март ја одбил спогодбата со која би добил 25 години затвор.

„Полицаецот го убил Вашингтон, не Лакит Смит. Лакит бил 15-годишно дете, преплашено до смрт. Тој не ни учествувал во чинот што го довел до смрт Вашингтон. Тој никогаш не пукал во никого“, изјавила адвокатката на тинејџерот, Џенифер Холтон, по судењето.

Смит на изрекувањето на пресудата се смеел.

„Мислам дека нема да се смее кога ќе го пратат во затвор. Многу сме задоволни со пресудата. Казните се консекутивни, па ќе мине многу време пред воопшто да добие можност за помилување, најмалку 20-25 години“, изјавил К.Ј.Робинсон, помошник на државниот обвинител.

Останатите тројца обвинети од групата вложиле жалба. Еден е осуден на 28 години, додека преостанатите двајца сè уште не се осудени.

Што се однесува до полицаецот од Милбурки кој го убил Вашингтон, поротата во 2016 година го ослободила од обвинение за незаконско дејствување наведувајќи дека оправдано пукал во тинејџерот.

Scroll to Top