Доктор од Аргентина стана татко на 83 години: Ќе живеам до 105 за да го видам синот кога ќе дипломира

Алберто Кормилот, познат лекар од Аргентина, стана татко на 83 години. Тој и неговата 48 години помлада жена Естефанија неодамна го добија своето прво дете. Алберто е роден во 1938 година во Буенос Аирес и важи за еден од најпознатите лекари и нутриционисти во државата.

„Се надевам дека ќе доживеам 105 години за да можам да го видам синот кога ќе дипломира. Нема да бидам подвижен како 30-годишен маж, но ќе бидам покрај него додека можам“, рекол Алберто и додал дека детето е вистински дар од Бога.

Лекарот почнал да го привлекува вниманието со приватниот живот кога во 2019 година се оженил со Естефанија. Тој имал 81, а таа 33 години. Иако низ годините им помогнал на огромен број луѓе да се справат со нарушувањата во исхраната, не само во неговата ординација, туку и преку аргентинските медиуми, веднаш бил критикуван од јавноста.

„Ние сакаме да се венчаме и на некои ова ќе им се допаѓа, а на некои не. Но, ова е наша одлука“, изјавил тогаш лекарот.

Ни семејството на Естефанија не им било поддршка.

„Мајка ми мислеше дека штом млада жена сака да се венча за многу постар маж, тогаш веројатно го прави тоа за пари. Не сакаше да сфати дека јас само сакав партнер кој ќе ме сака. Извесен период тато не ми дозволуваше да одам кај нив дома. На родителите им требаше цела година за да се согласат да го запознаат“, рекла таа за целата ситуација.

На крајот нејзините родители сфатиле дека помеѓу Естефанија и Алберто сепак постои љубов и се помириле со ситуацијата.

Кога се венчал со Естефанија, Алберто веќе имал две деца, но со новата сопруга сакале да го прошират семејството. Естефанија отсекогаш сонувала да биде мајка и затоа се договориле да се обидат да добијат дете.

„Естефанија е млада и сака да биде мајка, исто и јас. Ако остане бремена, со задоволство ќе го пречекаме детето“, изјавил докторот кога го прашале дали сака да има трето дете.

Набрзо потоа Естефанија останала бремена и лани во септември го роди синот Емилио. Но, критиките од јавноста во врска со возраста на Алберто не престанале. Една од најлошите критики што ја слушнале лекарот и неговата сакана е дека Емилио ќе останел сирак бидејќи Алберто е многу стар.

Сепак, парот се справува и со злобните забелешки и велат дека најважно им е нивното дете да биде здраво и среќно.

„Боли кога ќе слушнам дека Емилио ќе остане без татко мал, или дека Естефанија е со мене за пари. Сè што имаат да кажат другите, ние досега сме дискутирале. А, не ни размислував за мојата возраст сè додека другите не почнаа да го спомнуваат тоа“, вели лекарот.

Иако има 83 години, со начинот на живот изгледа како многу помлада личност. Се храни здраво, активен е и е во топ-форма.

„Двапати преживеав рак, имам проблеми со колената, како и со рамената и ’рбетот. Досега сум имал над 30 повреди. Но, продолжувам со животот“, додал тој.

 

 

Scroll to Top