Драма на патот кон Дебар: доктор од итната помош породи жена во болничко возило

Доктор Васко Дулески, општ лекар од струшката итна медицинска помош, породи 22-годишна девојка од Центар Жупа во болничко возило. Повикот во струшката итна медицинска помош на 1 ви февруари во 3 часот наутро веќе ја навестувал драмата што следувала потоа. Резултатот е нов човечки живот на машко дете почнат како на филм.

Дебарската полиција го информирала тимот на брзата помош во Струга дека жена со приватно возило тргнала кон струшката болница, но веќе имала контракции за породување, пишува Strugaonline 

Д-р Дулески заедно со медицинската сестра Семра Бајрамoска и докторот специјализант Елена Мечкароска тргнале кон Дебар и со родилката се сретнале во близина на „Глобочица“.

Кога ја презел во возилото на итната медицинска помош, забележал дека породувањето е почнато и не може повеќе да се чека ниту минута.

„Породување имав видено на пракса за време на студиите, не сум гинеколог, но бев во ситуација кога морав да реагирам, во спротивно ќе беше предоцна за бебето. Инструкции добивав од мојата родена сестра, која е акушерка, на телефон ми објаснуваше како да постапувам. Главчето на бебето веќе се гледаше. Сите бевме премногу возбудени. Сестра ми смирено ми асистираше со зборови и успеав да го извадам бебето“, раскажува за доктор Дулески за „Струга онлајн“.

Но, приказната не завршува тука, драмата допрва почнува.

„Бебето не плачеше, немаше ниту срцева акција, почувствував страв, почнав со масажи, знаев само дека тоа бебе мора да преживее. По некое време, видов како бебето го зема првиот воздух и добива боја на лицето и телото. Тогаш сите во болничкото возило се почувствуваме живи и среќни“, вели доктор Дулески. Во струшката болница бил пречекан со аплауз, и мајката и бебето се во одлична здравствена состојба.

Scroll to Top