Двата земјотреса се нормална сеизмичка активност

Скопјани денес во период од осум часа почувствуваа два земјотреса.  Михаил Гаревски, директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) вели дека се од истото епицентрално подрачје, во близина на скопско Соње. Првиот земјотрес утрово беше со магнитуда од 2,3 степени според Рихтер, а иста јачина имал и земјотресот попладнево.

Двата земјотреса според Гаревски се поврзани со земјотресот со магнитуда 5 што се случи во Скопје во септември 2016 година.

„Се работи за истиот расед, истото подрачје каде во 2016 имаше силен земјотрес. Тоа е расед кој оди до Арачиново и вакви слаби потреси се нормална макросеизмичка активност или редистрибуција на напрегањето од 5 степени по Рихтер. Ваквите потреси ги забележуваат само исклучително чувствителни луѓе, кај поголемиот дел од популацијата поминуваат незабележано и не предизвикуваат штета. Таков беше и денешниот земјотрес во Охрид, со магнитуда од 2,1 “, изјави за „Макфакс“ директорот Гаревски.

Тој нагласува дека скопјани нема потреба да креваат паника оти вакви мали земјотреси, пред кои имало некој посилен, се сосема очекувани. Гаревски смета дека мали потреси на истиот расед се сосема очекувани.

Scroll to Top