Во близината на Каиро се откриени 14 саркофази стари над 2.500 години, само неколку недели откако на истата локација беа откриени 13 саркофази, соопшти египетското Министерство за антиквитети. Сите 27 саркофази се пронајдени во некрополата Сакара.
Оваа некропола се наоѓа јужно од Каиро, 16 километри од пирамидите во Гиза, и е дел од древниот град Мемфис, кој е под заштита на УНЕСКО. Според експертите, ова е едно од најголемите вакви откритија досега.
„Првичните истражувања покажуваат дека саркофазите се целосно затворени и дека не биле отворани откако се закопани“, стои во соопштението од Министерството.
Оттаму велат и дека ископувањата на овој локалитет ќе продолжат, а во меѓувреме експертите ќе се обидат да дознаат повеќе за потеклото на саркофазите.