Фестивалот „Дипер андерграунд“ од Охрид се сели во Скопје

Фестивалот „Дипер андерграунд“, што требаше да се одржува три дена во Охрид, се сели во Скопје и ќе трае два дена, објави „Авалон продукција“. Музичкиот настан ќе се одржи на отворено пред А1 арената на 15 и 16 август. Ќе настапат Артбат, Рони Сајз, Ел-Ти-Џеј Букем и Дајнамајт Ем-Си.

„Од логистички причини: избегнување метеж, паркинг и можност за 100% спроведување на протоколите, ‘Авалон продукција’ заедно со менаџментот и артистите на фестивалот одлучи Скопје да биде домаќин на првото издание ‘Дипер андерграунд фестивал’. Поради редуцираните авионски линии за Македонија и околината, и состојбата со коронавирусот во Италија, не сме во можност да обезбедиме 100% сигурен транспорт за ‘Медуза’, па затоа тој ќе дојде во друга пригода, а фестивалот ќе трае два дена наместо три“, велат организаторите.

Цената на дневните билети е 1.200 денари, а блок-билетот за двата фестивалски дена чини 1.500 денари. Оние што имаат купено влезници само за „Медуза“ или не сакаат да присуствуваат на фестивалот во Скопје, средствата ќе може да ги рефундираат од оние продажни места од каде што ги купиле билетите.

Во продажба се само 3.000 билети од вечер, а согласно протоколите за превенција од Ковид-19, капацитетот на просторот кај А1 Арената за овој настан ќе биде адаптиран на 20% од вкупниот кој е за 15.000 посетители.

Scroll to Top