(Фото) 12-годишно дете откри коски од диносаурус стари 69 милиони години

By

Дванаесетгодишниот Нејтан Хрушкин открил скелет од диносаурус стар 69 милиони години додека со неговиот татко шетал во во државата Алберта, Канада. Младиот аматер-палеонтолог шетал со неговиот татко во областа богата со фосили кога видел стари коски што излегуваат од карпата. Нејтан рекол дека останал без зборови кога ги видел коските.

„Бев толку шокиран што не бев ни возбуден, иако знам дека требаше да бидам“, рекол тој за „Би-би-си“.

Нејтан, кој се интересирал за диносаурусите од шестгодишна возраст, често одел на пешачење со својот татко во заштитеното подрачје на Канада.

„Отсекогаш сум бил фасциниран од тоа како нивните коски се претвораат во камен“, рекол тој.

Пред една година, Нејтан и неговиот татко пронашле мали остатоци од фосили за кои неговиот татко претпоставувал дека паднале од карпата над нив. Затоа ова лето 12-годишното момче повторно сакало да го посети местото и да го истражи уште малку.

„Буквално видовме скаменети коски. Се чинеше дека фемурот излегува од земјата“, раскажал Дион Хрушкин, таткото на момчето.

Бидејќи Нејтан знаел дека фосилите се заштитени со закон, веднаш штом се вратиле дома, тој и неговиот татко отишле на веб-страницата на Тиралскиот кралски музеј и контактирале со истражувачите од музејот, а музејот им побарал да испратат фотографии од откритието и GPS координати.

По нивниот извештај, експертите пронашле меѓу 30 и 50 коски кои припаѓале на млад хадросаур, за кого се проценува дека бил стар околу три или четири години кога починал. Ископувањето на неговиот скелет завршило денеска.

„Порано бев како повеќето деца и омилен диносаурус ми беше Тираносаурус рекс. Но, сега омилен ми е хадросаурот“, вели Нејтан.

Ова откритие е исто така доста значајно за музејот бидејќи фосилот, стар околу 69 милиони години, е многу ретко откритие.

„Овој млад хадросаурус е многу важно откритие бидејќи е од временски интервал за кој знаеме многу малку. Откритието на Нејтан и Дион ќе ни помогне да го пополниме овој голем јаз во знаењето за еволуцијата на диносаурусите“, изјавил кураторот на музејот за палеоекологија, Франсоа Териен.

Ќе ви се допадне