(Фото) Десертот на Ким Џонг-ун ги налути Јапонците

Јужнокорејскиот избор за десерт за историскиот меѓукорејски самит предизвика силен протест во Јапонија.

Токио поднесе официјален протест за десертот планиран за вечерата меѓу претседателот Мун Џае-ин и лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, затоа што садот на кој бил послужен десертот содржел мапа од Корејскиот Полуостров со островите на кои право полага Јапонија.

Јапонското Министерство за надворешни работи во средата изјави дека Кенџи Канасуги, генералниот директор на Бирото за азиски работи, им пренел на одговорните во амбасадата во Јужна Кореја дека присвојувањето на Такешима или островот Докдо Кореја е неприфатливо.

Јапонија вели дека Јужна Кореја незаконски си  присвојува остров што се наоѓа источно од полуостровот и дека тоа прашање долго време ги запира односите меѓу двете земји.

Како што и претходно било соопштено од Сината куќа, јужнокорејската претседателска палата, севернокорејскиот лидер на свечената вечера ќе биде послужен со швајцарско национално јадење од компир.

Со тоа медиумите сметаат дека ќе се разбуди носталгијата кај Ким за школските денови, поради тоа што се верува дека севернокорејскиот лидер се школувал во Швајцарија, иако тоа никогаш не било официјално потврдено, пишува Би-би-си.

Јужнокорејскиот претседател решил на вечерата да се сервира јадење од риба што е популарна во Бусан, неговото родно место.

Сеул соопштува дека состојките на храната што ќе биде на менито во текот на свечената вечера ќе бидат од двете земји.

Самитот, прв од ваков вид во 2007 година, ќе биде одржан на јужнокорејската страна во демилитаризираната зона меѓу двете земји.