Француски министер поднесе оставка, вечерата со сопругата ја платил со државни пари

Францускиот министер за природна средина, Франсоа де Ружи, близок соработник на претседателот Емануел Макрон, поднесе оставка откако се дозна дека плаќал скапи вечери од државни пари и дека направил злоупотреба на субвенционирани станови, пишува порталот „Медијапарт“.

Де Ружи беше назначен за министер во септември 2018 година.

„Нападот и линчот на медиумите кон моето семејство ме принудија на неопходен чекор назад“, рекол Де Ружи, кој беше и државен министер, односно втор човек во владата, веднаш по премиерот Едуардо Филип.

Порталот „Медијапарт“ објави фотографии од Де Ружи и неговата сопруга, која е новинарка, како уживаат во скапа вечера со скапо вино и јастози во време додека тој бил претседател на парламентот. Порталот тврди дека вечерата била приватна, а поранешниот министер се брани дека вечерата била во рамките на неговата работа во Националното собрание. „Медијапарт“ откри и дека Ружи изнајмил стан по пониска цена, наменет за оние со пониски примања. Се наведува и дека неговата сопруга купила фен за коса вреден 500 евра и го реновирала својот државен стан за 63.000 евра.

Scroll to Top