(Галерија) Низ прстен да те гледам во срце да ти влезам – Галичка свадба со сите салтанати една година по пандемијата

По година дена пауза поради ковид пандемијата, викендов се одржа 47 Галичка свадба. Филип Бундовски и Катерина Илиевска кои лани беа избрани за зет и невеста, годинава се венчаа во селото Галичник.

Тие се венчаа во во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“, а свеченоста почна со поставување на свадбарското знаме и традиционалните три истрели од пушка во подножјето на Бистра.

Традиционално, почетокот на свадбата е со китењето на свадбарскикот бајрак со горско цвеќе и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот. За ова време се пејат стари песни.

Од другиот крај на селото се слушаат тапаните и ѕурлите, а мајката на зетот го чека семејството и роднините со домашен леб и со ќуп во рацете. Потоа следи и „Свекрвиното оро“. По „канењето на мртвите“ од гробиштата, се оди до куќата на кумот од кого младоженецот бара благослов.

Впечатлив обичај е бричењето на зетот средсело. По овие обичаи младоженецот со придружбата оди до куќата на невестата. Таа облечена во традиционална галич­ка носија го гледа низ прстен и вели: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“.

Посетители од цела Македонија дојдоа во Галичник за уште еднаш да бидат дел од најголемата традиционална свадба. Меѓу нив беше и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓорѓеивска. Тие на младенците им подарија „галичка пафта“ со мотив од галичка носија.

30 обичаи и стотици статисти за вистински впечаток беа дел од оваа манифестација која е инспирирана од желбата на жителите на Галичник обичаите на мијаците да ги сочуваат од заборав. Посебна атракција е уникатната невестинската носија со богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата.

Составен дел од невестинската носија е и филигранскиот накит со уникатни златни и сребрени елементи. Сиот комплет може да тежи и до 30 килограми. Над половина век се одржува Галичка свадба, а првата се одржала во 1963 година на Петровден.

Галичка свадба е меѓу деветте фестивали во Европа кои мора да се видат. Со ваков наслов влијателниот „Њујорк тајмс“ лани ја препорача Галичката свадба.

Фото: Фејсбук профил на претседателот Стево Пендаровски

Scroll to Top