(Галерија) Низ прстен те гледам в срце да ти влезам – заврши Галичка свадба, вековна традиција сочувана од заборав

Со старите мијачки обичаи – бричење на младоженецот средсело, месење леб, јавање коњи, веење бајрак, гледање нив прстен, денеска во селото Галичник се венчаа Огнен Караѓозовски и Марина Петровска. Со нивната венчавка во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“, заврши 46. традиционална Галичка свадба.

Илјадници луѓе од цела Македонија дојдоа во Галичник за уште еднаш да бидат дел од најголемата традиционална свадба. Некои од нив пристигнаа уште во петокот, кога и почнаа првите обичаи и свадбата на Огнен и Марија. Традицијата почна со песна и три истрели од пушка во подножјето на Бистра.

За младенците се знае дека нивната љубов почнала кога заедно работеле во хотелиерство. Сега живеат во Скопје. Марина има потекло од Крива Паланка, а Огнен потекнува од големо галичко семејство. Тој самиот повеќе пати бил вклучен во организацијата на претходните свадби и учествувал како статист.

30 обичаи и 200 статисти за вистински впечаток

Оваа манифестација е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците. Посетителите на свадбата можеа да проследат над 30 обичаи за време на свадбарските денови. На манифестацијата имаше околу 200 статисти облечени во автентични галички носии.

Традиција зачувана од заборав

Традиционално, почетокот на свадбата почна со китењето на свадбарскикот бајрак со горско цвеќе и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот. За ова време се пееше стара песна. Од другиот крај на селото грмнаа тапаните и ѕурлите, а мајката на зетот ги дочека семејството и роднините со домашен леб и со ќуп во рацете, па го поведе „Свекрвиното оро“.

Следеше „канењето на мртвите“ од гробиштата, а потоа се одеше до куќата на кумот од кого младенецот побара благослов. Највпечатлив обичај е бричењето на зетот средсело. По овие обичаи младоженецот со придружбата стигна до куќата на невестата. Таа облечена во традиционална галич­ка носија, го дочека на балконот. Додека тој се приближуваше, таа го гледаше низ прстен и изговори: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“.

Качена на коњ, таа заминува во куќата на нејзиниот иден маж. На крај сите отидоа средсело, каде се играа свадбените ора.

Уникатна невестинска носија

Посебна атракција е и невестинската носија која сама по себе е уникатна. На неа преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и доминантен е богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и филигранскиот накит со уникатни златни и сребрени елементи. Сиот комплет може да тежи и до 30 килограми.

Печалбарството како судбина

Традиционалисти по природа, галичани со векови биле поврзани со православниот празник „Петровден“. Токму на овој празник се случувало и повеќе десетици двојки да се венчаат во ист ден. Причината за одржување на толку венчавки во кус период е што тогаш мажите доаѓале од печалба. Неретко се случувало, мажите да направат свадба и кусо време потоа да ги напуштат своите сакани. Овој период се користел и за свршувачки, по што отпочнувале подготовките за свадба.

Над половина век традиција

Манифестацијата Галичка свадба има традиција од 56 години, поточно првата се одржала во 1963 година.

„Њујорк тајмс“ ја препорачува Галичката свадба

„Галичка свадба“ меѓу деветте фестивали во Европа кои мора да се видат.Со ваков наслов влијателниот „Њујорк тајмс“ минатата годинава ја препорача Галичката свадба.

Фото: Фејсбук/Инстаграм

Scroll to Top