Федералната служба за обезбедување FSO е специјална организација во Русија. Оваа моќна служба е создадена од Деветтиот директорат на KGB уште во времето на Советскиот Сојуз. Нејзината примарна задача е да го обезбедува рускиот претседател Владимир Путин. FSO е толку затворена што сите информации за оваа организација се базираат само на претпоставки.
На јавноста не ѝ се соопштуваат никакви извештаи за операциите на FSO, а во руските медиуми за нив може да се најдат само студии што не се ажурирани со години. Токму поради нивната тајност ги нарекуваат „духови“.
Службата 16 години ја водел генералот Јевгениј Муров, постар колега на Владимир Путин од деновите кога заедно служеле во KGB. По пензионирањето на Муров, контролата над FSO 2016 ја презел неговиот заменик Дмитриј Кочњев.
Се претпоставува дека има околу 50.000 униформирани припадници, како и неколку илјади кои работат во длабока тајност. Покрај тоа, тие ја чуваат фамозната актовка во која се наоѓаат документите за контрола на нуклеарно вооружување на Русија.
Иако примарна задача на FSO е да го заштити претседателот на Русија, нејзините припадници се грижат и за безбедноста на судии, министри и високи официјални лица, а неретко и за безбедноста на заштитените сведоци.
Рускиот медиум „Новаја газета“ пишувал дека FSO имала барем двајца двојници на Путин, кои се користат за активности опасни по живот како што е пловење во мини подморница по морското дно, пилотирање со авион и др.
Идентитетот на припадниците на FSO се држи во најстрога тајност, иако руските медиуми пишуваат дека агентите во неколку наврати „омекнале“ и на социјалните мрежи постирале свои фотографии од големи настани на кои го следеле претседателот Владимир Путин. Сепак, тие слики експресно исчезнувале и повеќе не можеле да се најдат на интернет.
Како што пишувал рускиот портал Russia Beyond, FSO има право да врши оперативна истрага, да прислушкува разговори, отвора писма, приведува граѓани, претресува станови и конфискува автомобили. Под нивна контрола е секоја улица во Москва, а за сите граѓани кои живеат во нив се водат посебни досиеја.
Рускиот портал RBK пишувал за немилосрдната војна меѓу руските тајни служби што се водела за приматот и наклонетоста на претседателот. Во тој конфликт FSO, според пишувањата на порталот, го победил FSB.
Како што наведува Komersant, FSO во тој период (пред крајот на првата декада во 2000 година) ја презел контролата над текот на парите, ресурсите и имотот, а провладините медиуми неретко известувале за ваквата моќ на службата нарекувајќи ја семоќната организација од сенка.
Она што се знае е дека FSO денеска ги обелоденува сите задачи што некогаш со успех ги извршувале агентите на KGB. Никој не е недопирлив, под постојан надзор се министрите, гувернерите, опозицијата…