Градоначалник во Сицилија чувал овци оти сточарот бил позитивен на корона

Градоначалникот на сицилијанскиот град Петросино, Гаспаре Џиакалоне, ги чувал овците на локален сточар, бидејќи тој и целото негово семејство биле заразени со корона и не можеле да најдат никој да го чува стадото со 250 овци.

„Можете да ме пронајдете помеѓу овците, јагнињата и козите затоа што загрижениот сточар Антонио ме замоли за помош. Само што откри дека целото негово семејство е заразено и не може да најде некој што ќе се грижи за стадото. Веднаш истрчав да му помогнам“, напишал градоначалникот на Фејсбук.

Тој додал дека Антонио ја сака својата работа и дека тоа е целиот негов живот.

„Ми го повтори тоа неколку пати по телефон со грутка во грлото, дека овие суштества не можат да се напуштат. Короната директно или индиректно влијае и на оние кои немаат никаква врска со тоа. Да се ​​биде градоначалник значи и жртвување и помагање на луѓето. Денес се чувствувам малку повеќе од обичен политичар“, додал тој.

Џиакалоне вели дека кога дошол на фармата таму имало животни стари само неколку дена и немал срце да ги напушти. Откако во јавноста се дозна за потегот на градоначалникот, тој добил многу пораки, а некои дури и се понудиле да посвојат јагне.

„Многумина подадоа рака, но во оваа работа тешко може да се импровизира. На пример, кучињата кои го чуваат стадото можат да бидат многу агресивни, треба да знаете како да се справите со нив“, изјави тој за „Имагина“ и додал дека добил понуда од неколку млади имигранти, па ја прифатил и со нивна помош се грижел за овците сè додека Антонио и неговото семејство не закрепнале.

За Гаспаре и сточарот Антонио пишувале и италијанските медиуми. Гаспаре е дипломиран економист и магистер по деловна администрација и долги години бил службеник во Европската инвестициска банка во Лондон. Одлучил да ја остави својата висока плата и позиција и да се кандидира за градоначалник на градот кој има само 8.000 жители. Потекнува од земјоделско семејство и веднаш штом победил на изборите за градоначалник почнал да се бори со мафијата што изградила хотели на само неколку метри од самиот брег. Поради ова тој добивал и многу закани по живот, но не се откажал. Откако победил обвинителството ги запленило зградите кои биле изградени по должина на крајбрежјето, а регионалната влада направила увид во агенциите за управување со јавен отпад, кои исто така работеле незаконски.

Scroll to Top