Илон Маск ќе носи цивили во вселената

Компанијата на Илон Мaск, SpaceX, ќе испрати четири цивили во тридневна приватна мисија во орбитата на Земјата. Ова е прв лет во кој ќе има исклучиво цивили. Со тоа бизнисменот влегува во трката за развој на вселенскиот туризам.

Мисијата на Маск, Inspiration4, е последната од овој тип, откако милијардерите Ричард Бренсон и Џеф Безос полетаа во вселената со вселенските летала Virgin Galactic и Blue Origin во јули. Летот на SpaceX го изнајми американскиот милијардер Џаред Исакман, 38-годишниот основач и извршен директор на компанијата за обработка на плаќања Shift4 Payment, кој е воедно и искусен пилот.

За сега не е објавена точната сума што Исакман ја плати на SpaceX, но се претпоставува дека се десетици милиони долари. Мисијата на Маск е многу поамбициозна од претходните, кога милијардерите остануваа неколку минути во бестежинска состојба и се враќаа на Земјата.

Вселенското летало Crew Dragon на SpaceX ќе лета подалеку од орбитата на Меѓународната вселенска станица (ISS). SpaceX веќе десет пати достави астронаути на Меѓународната вселенска станица на НАСА, но ова ќе биде првпат да не води професионални астронаути во вселената.

„Не е дека не постои ризик .Возите ракета со брзина од 28.000 километри на час околу Земјата. Постојат ризици во такви услови“, рече Исакман

 

Четворицата цивили кои ќе летнат во вселената со месеци се подготвуваа за овој лет, вклучувајќи и искуство на Г-сила во центрифуга. Тие испробале и параболични летови за да доживеат бестежинска состојба неколку секунди, а пешачеле и на голема надморска височина на планината Рение, покриена со снег, во северозападниот дел на САД. Исто така поминаа извесно време во базата на SpaceX.

За време на нивниот тридневен престој во орбитата, ќе се следат нивниот сон, отчукувањата на срцето, крвната слика и когнитивните способности. Пред и по летот ќе се направат тестови за да се проучи ефектот на летот врз нивните тела, а целта е да се соберат податоци за идните мисии со цивили.

 

Scroll to Top