Иран и Израел се гаѓаа со ракети како никогаш досега

Израелската војска соопштила дека нејзините авиони денеска погодиле десетина ирански цели во Сирија како одговор на ракетирањето на израелските положби на Голанската Висорамнина, јавува агенцијата АП.

Од агенцијата соопштуваат дека се работи за досега најсериозната конфронтација на израелските и иранските вооружени сили.

Како што навела израелската војска, погодени биле бункери со оружје, логистички цели и известувачки центри кои ги користеле елитните ирански единици во Сирија. Уништени се повеќе сириски воздушни одбранбени системи.

При нападот ниту еден израелски авион не бил погоден.

Како што се наведува, тоа досега биле најинтензивните акции на израелската војска во Сирија од почетокот на граѓанската војна во 2011 година.

Засега нема податоци за евентуалната штета на иранската страна, а пред утринските часови во сириската престолнина во Дамск одекнале неколку експлозии.

Сириската новинска агенција САНА објавила дека израелските авиони погодиле воени позиции, радарски станици и бункери со оружје.

Портпаролот на израелската војска, Џонатан Конрикус, изјавил дека Израел не сака да дојде до ескалирање на ситуацијата во тој регион, но дека неговата војска ќе биде во состојба на подготвеност.

„Доколку дојде до уште еден напад на Иран, ќе бидеме подготвени“, изјавил тој и додал дека засега нема податоци за евентуална штета.

Како што се наведува, Израел се плаши дека Иран заедно со своите сојузници и либанската герилска група Хезоблах би можел да отвори нов фронт во Сирија против Израел, како и дека повремените напади се наменети токму за таа цел.

Израел го смета Иран за своја најголема закана, поради што често ги ракетира иранските цели во Сирија.

Досега Израел се трудел да се држи на страна, но признал дека во тој период извршил преку 100 воздушни напади, од кои повеќето веројатно биле насочени кон испораките на оружје на либанско шиитската групација Хезболах.

Претходно израелската војска соопштила дека за време на ноќните часови иранските сили од сириската страна на Голанската Висорамнина испалиле околу 20 проектили и ракети врз израелски цели.

Конрикус изјавил дека нема губитоци на израелската страна и дека штетата нанесена на израелските положби била ограничена.

Според него, Израел на овој инцидент досега гледа со сериозност и на идентичен начин ќе одговори на истиот.

Иран уште претходно се заканил со одмазда, откако го обвини Израел за низата погубни воздушни удари на иранските сили во Сирија.

Scroll to Top