Карневалот во Рио првпат нема да се одржи по 80 години

Најпознатиот карневал во светот, во Рио де Жанеиро, нема да се одржи по 80 години. Училиштата за самба одлучија да го одложат познатиот карневал, кој требаше да се одржи во февруари 2021 година, поради пандемијата на коронавирусот.

Нов датум за одржување на фестивалот не е објавен, но од училиштето Лиеса соопштија дека тоа зависи од вакцината.

„Многу е тешко да се има карневал без вакцина. Нема шанси карневалот да се одржи во небезбедни услови. Сепак, свеченоста ќе може да се одложи најдоцна до јануари 2022 година, за да не се наруши следниот карневал“, рече претседателот на Лиеса, Жорже Кастањеира.

Вообичаено, 13 бразилски училишта за самба дефилираат за време на карневалот на Самбодром пред околу 90.000 жители на Рио, но и пред многу туристи од целиот свет. Датумот се менува секоја година во зависност од римокатоличките големи пости.

Натпреварувачката традиција на карневалот почна во 1930-тите. До тогаш, карневалот се одржувал на улица. Последен пат свеченоста беше одложена за два месеца, во 1912 година поради смртта на тогашниот министер за надворешни работи. Во Втората светска војна, прославите беа откажани.

Scroll to Top