На 2 јули 1994 година фудбалскиот репрезентативец на Колумбија, Андрес Ескобар, бил убиен пред ноќен клуб. Бил застрелан поради автоголот што го постигнал на Светското Првенство против домаќинот САД.
Андрес на 22 јуни на стадионот „Роуз боул“ практично си ја потпишал смртната пресуда. Колумбија е поразена од САД со 2:1 и ги изгубила шансите да се најде во осмина-финалето кога претходно изгубила од Романија со 3:1. Ни победата во последното коло против Швајцарија со 2:0 не била доволно, па Колумбија го зазела последното место во групата А.
На натпреварот присуствувале 93.869 гледачи.
Се играла 34. минута кога Ескобар ја сместил топката во својата мрежа. Колумбиецот невнимателно реагирал и успеал да го измами голманот Кордоба. Стјуарт во 52. минута го удвоил водството за Американците, а утешниот гол за Колумбија го постигнал Валенсија во 90. минута.
„Ве уверувам дека ништо чудно не се случи во нашата група. Едноставно, одигравме лошо. Се гледаме набргу затоа што животот не завршува тука“, напишал Ескобар во колумната за „Ел Тиемпо“.
Таа е објавена само неколку часа пред да биде брутално убиен.
Ескобар првично планирал да ги посети роднините во Лас Вегас, но од необјасниви причини ја променил одлуката и по мундијалот. се вратил во Колумбија.
Кобната вечер бил во друштво на пријателите во еден ноќен клуб. Според извештајот на полицијата, клубот го напуштил околу три часот утрото. На паркингот го дочекале три лица. По кратката расправија и во моментите додека влегувал во возилото, еден од тројцата напаѓачи го извадил пиштолот и истрелал 12 куршуми во фудбалерот. По секој испукан куршум, го извикувал зборот „гол“ на начин на кој тоа го прават јужноамериканските коментатори. Ескобар 45 минути подоцна починал во болница.
Бргу се слушнало за неговото убиство направено од одмазда за автоголот што ги чинеле многу пари колумбиските наркобосови и коцкарските синдикати.
Главниот осомничен за убиството на Ескобар бил Хумберто Муњоз. Тој работел како телохранител за многу моќен наркокартел. Муњоз бил уапсен истиот ден за ден подоцна да го признае убиството. Интересно е дека Муњоз работел како возач за две моќни лица што вложиле многу пари за победа на Колумбија, но никогаш не биле доведени во врска со елиминацијата на Ескобар.
На судењето во 1995 година Муњоз бил прогласен за виновен за убиството на Ескобар и му одредена била казна од 43 години затвор. Првично била намалена на 26 години за на крајот да биде пуштен по 11 години.
Убиецот на Андрес Ескобар на слобода излегол во 2005 година, а соучесниците и евентуалните нарачатели на убиството никогаш не биле пронајдени.
На погребот на Андрес Ескобар присуствувале повеќе од 100.000 луѓе. Ескобар бил омилен во својата земја стекнувајќи го прекарот фудбалски џентлмен. Во јули 2002 година била поставена статуа со неговиот лик.