Кој ќе настапи на претстојниот „Виноскоп 2017“

Фестивалот на виното „Виноскоп 2017“, кој ќе се одржи од 20 до 24 септември, и оваа година покрај доброто македонско вино и деликатеси ќе понуди музика за сечиј вкус.

На „Виноскоп“ ќе настапат џез-изведувачите Караванија, Калевала бенд, кој изведува традиционални песни од целиот свет, Викторија Лоба, која подготвува шоу со диџеј и танчерки, поп рок-бендот „Ај Кју“, „Нокаут“ со старо-новите хитови, диџеј Александар Јорданов, „Поп-арт бенд“ со преработки на македонски песни, Нина Јанева со 2 Егзит, Фиц – фронтменот на „Студени нозе“, кој ќе ги исполни сите легендарни песни од бендот, мајсторот за добра атмосфера Миле Кузмановски, „Куку леле“, етно-бендот „Баклава“ и српскиот бенд „Министарке“.

В четврток и в петок за посетителите ќе има и афтерворк забави, а ќе ги забавуваат „Акустик дивижн“, „Кросроад блуз бенд“ и „ОТ Бенд“. За в сабота и в недела е планирано целодневно матине, а од 12 часот на пладне љубителите на виното ќе уживаат во звуците на чалгии, тамбураши и Елвис блуз трио.

Оваа година фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Мајка Тереза“ кој се наоѓа пред Македонската опера и балет.

 

Scroll to Top