Кучето ми ги зари забите во грбот, потоа се онесевестив

Џеварија Бајрамовска (38) од скопската населба Илинден завчера наутро била нападната од глутница кучиња, пишува „Република“. Со искасаници по грбот и рацете била пренесена на Хируршките клиники во Скопје, а по санирање на повредите била пуштена на домашно лекување. Таа сè уште не може да се соземе од шокот што го доживеала.

„Утрината околу 7:30 часот со ќерка ми излеговме од дома за да ја испратам во училиште бидејќи кучиња има насекаде“, раскажала Џеварија. „На половина пат ќерка ми ми предложи да се вратам дома. Се израдував и си помислив: добро е, се преплаши од кучињата и отсега сама ќе оди на училиште.“

Во близина на куќата Џеварија ја забележала глутницата од десетина кучиња. Забрзано почнала да се движи по улицата, но од зад грб ја нападнале четири од нив.

„Додека ме напаѓаа се обидував да најдам некоја дрвена прачка, но не успеав. Почнав да се бранам и со шалот што го носев на вратот. Ни со тоа не ги исплашив. Викав колку што ме држеше глас“, додала жената.

Кучињата ја турнале Бајрамовска на земјата. Почнале да ѝ ја тргаат облеката, а едното од нив ѝ ги зарило забите во грбот.

„Болката беше неиздржлива. Забележав како едно од нив сака да ме гризне за лицето. Лиги му се слеваа од устата на моето лице. Ја покрив главата со рацете и од тој момент не знам што се случило. Ќе ме растргнеа ако не бев добро облечена“, вели таа.

Кога се освестила кучињата ги немало. Стигнала дома и членови од семејството ја однеле во болница.

Џеварија вчера од страв не ја пуштила ќерка си на училиште. И другите жители од улицата биле исплашени за безбедноста на своите деца.

 

Scroll to Top