Лекарката Аделин Фејган (28) починала од коронавирусот бидејќи повеќе од два месеца во болницата во која работела ја носела истата маска, вели сестра ѝ Морин.
Таа вели дека Аделин работела во итната служба во Хјустон и дека сестра ѝ поради недосиг на опрема, со недели ја користела истата маска.
Според извештајот на „Гардијан“, по избувнувањето на жариштето на југот и на западот во САД, починаа повеќе од 250 медицински работници. Во Тексас се регистрирани девет смртни случаи меѓу медицинарите во април, а бројот на здравствени работници се искачил на 33 во јули.
Меѓу починатите здравствени работници, десетина од нив во САД биле помлади од 30 години. Просечната старост на смрт кај медицинскиот персонал, поради Ковид-19, е 57 години, за разлика од 78 кај општата популација на земјата.
Приближно една третина од смртните случаи настанале поради неадекватна заштита. Недостигот на заштитна опрема е погубен за здравствените работници затоа што за нив веројатноста да се заразат е трипати поголема во споредба со општата популација.
Не е точно познато како Фејган се заразила со коронавирусот, но нејзината помлада сестра верува дека е поврзано со работата во итната служба. HCA West е дел од најголемиот синџир болници во земјата, а во последните месеци националниот синдикат на медицински сестри се пожалил за намерно кршење на безбедносните протоколи на работното место, вклучувајќи го и притисокот што се правел врз заразениот персонал да продолжи со смените во болницата.
Морин изјавила дека сестра ѝ со недели носела иста маска.
„Аделин носеше маска N95, на која беше напишано нејзиното име. Ја носеше со недели, ако не и месеци“, изјавила таа.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести CDC препорачува маската N95 најмногу да се носи пет пати, освен ако производителот на наведе поинаку. Болницата HCA West не сакала официјално да ги коментира обвинувањата на Морин, но шефицата на смена, лекарката Емили Седвик, изјавила дека болницата ги почитува сите препораки.
„Нашиот протокол е заснован на насоките на CDC, вклучително и на предавањето на маските N95 на крајот на секоја смена, а лекарите тогаш примаат друга маска на почетокот на следната смена“, изјавила Седвик.
Фејген на 8 јули стигнала дома со болки во телото, главоболка и со температура. Тестирањето покажало дека таа е позитивна на Ковид-19. Боледувала од астма, па по заразата, имала и тешкотии со дишењето. Едно попладне Морин забележала дека нејзините усни се сини. Таа инсистирала да ја однесе во болница.
Во период од две недели Фејган во болницата добивала дополнителен кислород. Станала толку слаба што не можела да го држи телефонот. Била префрлена во друга болница, каде што ја ставиле на респиратор. Ден подоцна била приклучена на уред ECMO, со кој од телото се отстранува крвта, се збогатува со кислород и потоа повторно се враќа во телото.
Нејзините родители на 15 септември добиле дозвола да ја посетат.
„Мислам дека не бевме подготвени за тоа што го видовме кога влеговме во нејзината соба. Аделин повремено се обидуваше да ни одговори на прашањата и да одмавне со главата. Изусти збор-два. Но, нејзиниот поглед беше стаклен и не бевме сигурни дали е присутна со нас“, изјавиле тие.
На 17 септември нејзината состојба се подобрила, а Фејган можела да седи без никаква поддршка. Ден подоцна била симната од уредот ECMO.
На 19 септември добила крвавење во мозокот, па починала. Семејството вели дека погребот ќе се биде в сабота.