Маж на 81 година го заврши четвртиот факултет

Халит Меџит од Трабзон во Турција деновиве дипломираше на Правниот факултет на Универзитетот „Анадолу“. Ова е четврта универзитетска диплома на 81годишниот маж, пишува агенцијата Анадолија. Тој во 1991 година најпрвин добил инженерска диплома на Универзитетот „Џумхуриет“, а подоцна дипломирал и на Високите технички училишта во Истанбул и Анкара.

По успешниот работен век се пензионирал во 1990-тите години и извесно време бил член на Градскиот совет, а за својата работа добил бројни награди и благодарници. И покрај поодминатите години, тој и понатаму извршува одредени работи како инженер, а целиот живот го поминал напорно работејќи, читајќи и стекнувајќи нови знаења.

Во разговорот за „Анадолија“ тој вели дека никогаш не е доцна за учење и за стекнување знаење, па додал дека правниот факултет успеал да го заврши за само две и пол години. Маџит многу го сака читањето, во слободното време пишува песни, досега има објавено пет книги додека најновата книга е подготвена за печатење.

„Луѓето преку образованието доаѓаат до нови откритија и со тоа светот го прават подобро и посреќно место за живеење“, вели тој, напоменувајќи дека учел многу додека студирал на Правниот факултет.

„Станував во 3 часот наутро. Тогаш многу подобро учев. Положив 32 предмети. Пред тестовите подготвував белешки и читав релевантни книги, а користев и интернет при учењето. Образованието и работата едноставно се мојата храна. И понатаму ќе пишувам книги и ќе се едуцирам“, вели Маџит.

Тој им порача на младите во слободно време секогаш нешто да читаат и да се едуцираат за светот околу себе.

„Книгата е најдобриот пријател на човекот. Младите треба да имаат книга во рацете дури и кога се во автобус или трамвај. Читањето ги учи луѓето на она што не го знаат и ги учи како да живеат убаво“, рече Маџит.

 

Scroll to Top