„Мекдоналд“ набргу во Северна Кореја

Како знак на добра волја кон САД, претседателот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, би можел да дозволи влез на „Мекдоналд“ во земјата, наведува „Вашингтон пост“.

Назнаките за таквите можности, како што тензиите попуштаат, уште од април ги дал советникот на Северна Кореја, Чанг Ин Мун. На „Мекдоналд“ веќе долго време се гледа како на симбол на западната култура и капитализмот, особено во комунистичките земји.

„Ова се случило во многу комунистички земји. Еднаш кога ќе остварите поинаков контакт со Западот, нивниот поглед се менува, а тоа обично почнува со ‘Мекдоналд’ или ‘Кока-Кола’“, изјавил Џени Таун, истражувач во центарот „Стимсон“.

Од своето основање, како што наведува весникот, „Мекдоналд“ не бил само ресторан за брза храна, туку силен симбол на глобализацијата. Во моментот работи во 120 земји и има 37.241 ресторан, кои личат еден на друг.

ДОЗВОЛИЛЕ БУРГЕРИ СО АВИОН ОД КИНА

За Ким Џонг-ун се верува дека сака бургери. Во 2011 година, како што известиле јужнокорејските медиуми, за него редовно стигнувале производи од „Мекдоналд“ од Кина, кои биле транспортирани со авион. Голем љубител на брзата храна е и американскиот претседател Доналд Трамп. Повикувајќи се на Ен-би-си, весникот наведува дека Ким се надева дека франшизата на „Мекдоналд“ ќе биде отворена во Пјонгјанг за да го осигури ваквиот вид храна за идните билатерални конференции.

Но, Кејла Орта, аналитичарка во центарот „Вилсон“, наведува дека не може да замисли оти би можело да дојде до ваква ситуација.

„Многу веројатно е дека американскиот тип на ресторани за брза храна во Северна Кореја ќе ги видиме како триумф на културната дипломатија. Но сѐ уште сме далеку од тој ден“, изјавила таа.

 

 

 

Scroll to Top