„Мини вести“ – најзабавните вести во Македонија!

Најинтересните вести во македонскиот етер се едукативни, забавни, културни, спортски, спонтани и секогаш искрени, а од денеска ќе ги водат деца од предучилишна возраст и се викаат „Мини вести“.

„Мини вести“ е дневна детска емисија со времетраење од десет минути, во која улогата на сериозни презентери, новинари, репортери и синоптичари ќе им припадне на најмалите. Детските вести се во продукција на „Хит-медија“, а како продуцент и проект-координатор се јавува македонскиот водител Ненад Ѓеоргиевски.

„Кога станав родител, нормално, приоритетите во животот ми се променија. Инспириран од моите деца кои како сунѓер впиваат сѐ што ќе видат и слушнат, сфатив дека на телевизија нема детска емисија која има образовен, но и забавен карактер. Со тимот од мојата продукција решивме да ги создадеме „Мини вести“, а децата и родителите во Македонија да имаат  10 квалитетни минути поминати пред телевизорот“, истакна Ненад.

Детските вести почнуваат денеска во 18.45 часот на телевизија „Нова“ и на уште 8 регионални телевизии во Македонија. Малите сезнајковци се подготвени да ве информираат за сѐ од понеделник до петок во истиот термин.

Scroll to Top