Најстарата личност во Европа го слави 117. роденден со вино и шампањ неколку дена по победата на коронавирусот

Најстарата личност во Европа, Луција Рандон, позната како сестра Андре, денеска, со шампањ, црвено вино и со омилениот десерт го прослави 117. роденден, само неколку дена по добиената битка со коронавирусот. Родена е на 11 февруари 1914 година и преживеала две светски војни.

Во средината на јануари добила позитивен тест на коронавирусот, но не знаела дека е заразена затоа што ги немала симптомите. Давид Тавела, портпаролот на домот за грижа на калуѓерки во францускиот град Тулон, каде што е сместена, изјавил дека е во одлична форма.

„Сестра Андре сака црвено вино, но ќе се напие и шампањ со десертот. Сепак, мора да се наздрави за 117. роденден. Одамна престанавме да ѝ ставаме свеќички на тортата зашто веќе нема доволно здив да ги дувне сите“, изјавил Тавела.

Тој додал дека ова е голем ден за неа и дека била многу горда кога ѝ кажале дека ќе има миса во нејзина чест. Добила честитки и од своите правнуци и праправнуци, со кои се слушнала преку видео. Сестра Андре денес е слепа и е сместена во количка.

Таа официјално се води како втората најстара личност на светот зад 118-годишната Јапонка Кане Танака.

Scroll to Top